Куманово нема доволно зеленило за чист воздух?
Куманово има два големи парка, Градски кеј, зеленило на плоштадот и на булеварите, парк на Спомен костурницата, но тоа е доволно за да имаме чист воздух, сметаат граѓаните.
Општ впечаток е дека во последно време во централното градско подрачје се узурпира секоја јавна површина за изградба на стамбени објекти, на сметка на зеленилото. Освен паркот на Кејот, сите останати паркови се од времето на поранешна Југославија.
Екологистите препорачуваат освен во централното градско подрачје паркови да се уредат и во приградските населби.
Населбите Гоце Делчев, Карпош, Перо Чичо и сите останати поголеми населени места треба да си имаат свој парк за прочистување на воздухот, и каде граѓаните ќе можат да излезат, да шетаат и да ги наполнат батериите. Така е во сите европски градови. Зеленило секако дека треба да има повеќе во Куманово. Граѓаните треба да се залагаат да не никнуваат згради на места каде би требало да има зеленило - велат од еколошкото друштво “Липа“.
Во кумановско секоја година се пошумуваат во просек по 200 хектари земјиште, а под шуми и шумско земјиште се наоѓаат 21.374 хектари површина.
Секоја година пошумуваме по 100 хектари, бидејќи тоа ни е обврска за она што е исечено да се обнови. Значи тоа се вкупно 300 хектари во кумановско, липковско и Старо Нагоричане. Пошумените површини имаат минимум 50 отсто успех. Треба да се едуцира населението, да се намали бројот на пожари и да се сочува она што е засадено. Од зелени површини никогаш не е доста и секое слободно катче треба да се искористи - изјави Ленче Јанковска, шумарски инженер во “Шумско стопанство“.
Шумите и зеленилото ја намалуваат бучавата и емисијата на штетни гасови со што придонесуваат за почист воздух и поквалитетен живот.