Мени

Куманово подготвено да се грее на природен гас

20.08.2011 12:26 | KumanovoNews

Во предстојната грејна сезона со природен гас ќе се затоплуваат поголем дел од основните и средни училишта во градот, градинките, Општината како и поголем број стопанственици.

Куманово подготвено да се грее на природен гас

И кај граѓаните има голем интерес за приклучување на гасоводната мрежа но СВР Куманово и Основниот Суд сеуште не поднеле барање за приклучок до ЈП Куманово гас, иако до нив е спроведен системот за гасификација. Од Куманово гас велат дека ги доставиле своите понуди до овие две државни институции но во судот немале пари за приклучок а од полицијата сеуште молчат.

Неколку делници од гасоводниот систем се поставени до објектите од јавен интерес на градот. Локалната самоуправа веќе е во фаза на приклучување а околните објекти како Судот и Телеком, до сега не пројавија интерес - вели Олгица Димитријевска раководител во ЈП Куманово гас.

Цената за приклучок од 800 евра ќе може да се отплаќа на повеќе рати и за 30 насто е пониска отколку во соседна Србија. Претпријатието ги има потребните лиценци за дистрибуција и за снабдување на тарифни потрошувачи а согласно законот за гасна техника беше поставена  и станица за одоризација што е неопходно за целосна безбедност на системот. Искуството од лани, во детската градинка Синоличка и Домот за стари лица Зафир Сајто, ги покажа благодетите на овој економичен и еколошки енергенс.

Гасот се покажа како еколошки чист, без некаква бучава а корисниците на домот велат дека им е потопло. Ние за 2010-та издвоивме пари од буџетот за затоплување на нафта но откако се приклучивме на природниот гас заштедивме средства кои веќе ги користиме за реконструкција на просториите - изјави Директорката на домот Мирјана Атанасовска.

Со посредство на Гас Макпетрол и преносниот систем на Гама, природниот гас доаѓа од Русија преку магистралниот вод кај Кривопаланечкото село Жидилово. Во моментот инсталираниот  гасоводен систем има капацитет за приклучок на 2500 домаќинства. Директорот Момчило Мирчевски вели дека Економскиот институт врши нова проценка на Куманово гас и за неколку месеци се очекуваат странски инвестиции  за да се доврши процесот на гасификација на градот.