Мени

Куманово се збратими со Кампина и започана соработка со Никшиќ

09.11.2013 18:16 | KumanovoNews

Општина Куманово се збратими со романскиот град Кампина и потпиша меморандум за соработка со градот Никшиќ, Црна Гора.

Куманово се збратими со Кампина и започана соработка со Никшиќ

Градот уште во времето на поранешна Југославија имал соработка со Никшиќ, а со Кампина соработува последниве 4 години.

Со Кампина имаме едно долго пријателство, 4 години работиме на оваа агенда. Денеска крунисуваме една нова ера, збратимување и отпочнување на нови соработки. Чест ми е да го претставам новиот град пријател на Куманово, град Никшиќ. Најдовме сили преку амбасадата преку државите Црна Гора и Македонија, јас и Веселин Грбовиќ да почнеме нова ера во нашето дружење и се надевам во најскоро време и спогодба за збратимување - изјави Дамјановски.

Градоначалникот на Кампина, Хориа Лаурентиу Тисенау најави економска и културна соработка помеѓу двата града.

Се заблагодарувам на градоначалникот за поканата и за потпишувањето на денешниот документ. Ќе работиме во сите сфери. Многу е добро што градоначалникот има трет мандат, тоа докажува дека е добар градоначалник и го сакаат граѓаните - рече градоначалникот на Кампина.

Срдечни поздрави од граѓаните на Никшиќ и од целиот црногорски народ пренесе градоначалникот Веселин Грбовиќ кој е задоволен бидејќи се обновува пријателството кое е прекинато кон крајот на осумдесетите години.

Јас се надевам дека оваа соработка ќе продолжи долги години и дека пријателството меѓу Црна Гора и Македонија уште повеќе ќе се зацврсти. Навистина меѓу нашите народи нема никакви несогласувања и проблеми. Се надевам дека ова ќе ни биде поттик да ја зацврстиме соработката и да граѓаните на Никшиќ и Куманово се сретнат во наредниот период, да соработуваат на различни полиња - кажа Грбовиќ.

Тој потенцираше дека покрај  културната и спортската, најважно е да се развие економската соработка меѓу двете општини.

На потпишувањето на овие два значајни документи присуствуваа двајца поранешни градоначалници, Тоде Илиќ и Благе Кипријановски.

Потпишувањето на меморандумот за соработка и збратимувањето се дел од празничната агенда по повод 11 Ноември - празникот на градот.