Мени

Кумановските пратеници ретко зборуваат на телефон, но и на говорница

21.03.2014 12:58 | KumanovoNews

На говорница ги нема, но затоа ги „топат“ службените телефони. Дури една четвртина од пратениците во Собранието, не кажале ниту збор на говорница во последната половина од годината покажа анализата „Мојот пратеник“ кој собраниските служби го изготвуваат на секои шест месеци.

Кумановските пратеници ретко зборуваат на телефон, но и на говорница

Кумановските пратеници не се оние кои ја „топат“ батеријата на службените телефони, но затоа пак не се ни меѓу пратеници кои можете да ги видите на собраниската говорница, се вели во истражувањето на Центарот за истражувачко новинарство СКУП Македонија.

Пратеникот Иван Стоиљковиќ лани зборувал по само 23 минути дневно на службениот телефон, а на собраниската говорница за цела 2013 се појавил само три пати, според евиденцијата на „Мојот пратеник“. Оливер Спасовски е пратеник од Кумнаово кој најмногу се појавува на говорницата, 25 пати и сите се реализирани во втората половина од годината. На службениот телефон разговара 37 минути дневно. Толкава минутажа има и Хајрула Мисини, но на говорницата се појавил само 4 пати, исто така во втората половина на годината. Јордан Пачков, најмногу го штедел службениот телефон. Зборувал по само 18 минути дневно, минатата година, но затоа се појавил 25 пати на говорницата.

Но, затоа на некои од нив очигледно полесно им оди комуникацијата со електоратот преку мобилен телефон. Барем  тоа го покажуваат бројките кои ги добивме користејќи го правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, што го искористивме за да побараме информација колку пратениците ги трошат службените телефони и колкави сметки направиле во последниве четири години од својот мандат.

    Првиот меѓу еднаквите, собранискиот спикер, Трајко Вељановски само еднаш во текот на 2013 година имал излагање на пленарна седница, судејќи според анализата „Мојот пратеник“. Но, затоа неговата сметка за последнава година изнесува вкупно 84.688 денари или околу 1.500 евра. За последниве четири години потрошил 457.489 денари (7.500 евра). Но, иако е прв меѓу пратениците, сепак тој не е прв и по зборување споредено со другите негови колеги. Апсолутен шампион по зборување во последниве четири години на телефон е пратеникот од опозициониот СДСМ и кандидат за градоначалник на Скопје на последните локални избори, Јани Макрадули. Иако, тој е и еден од најзборливите на собраниската говорница. Тој според податоците кои ги добивме од собраниските служби, зборува во просек по 2 часа и 40 минути дневно. Макрадули безмалку ја „стопил“ батеријата на својот телефон во 2010 година. Тогаш зборувал во просек по цели 4 часа дневно. Го надминал дури и претседателот на Собранието, Трајко Вељановски, кој на оваа листа е очекувано втор. За четири години Макрадули направил сметка од 594.961 денар или повеќе од 9.500 евра. Последнава година потрошил скоро 120.000 денари (2.000 евра).

     СКУП Македонија од „Т-мобиле Македонија“, оператор кој го доби тендерот за телефонски разговори и апарати на пратениците во Собранието во 2008 година, доби појаснување дека еден импулс означува 2 минути разговор. Така што времето кое пратениците го трошат на разговори од списоците кои ги добивме од собраниските служби (во прилог) се добива ако се подели износот на импулси со бројот 2.

Пратениците имаат лимит од 3.600 денари месечно за зборување, додека координаторите на пратеничките групи имаат илјада денари повеќе.

    Еден од оние кои никогаш не се појавиле на говорница во текот на 2013 година е пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Веле Ѓорѓиевски. Веројатно полесно му одела комуникацијата со службениот телефон, на кој во 2013 година има потрошено 29.868 денари (близу 500 евра), што е во рамките на пропишаниот лимит. Тој, за време на својот четиригодишен мандат потрошил вкупно 131.138 денари (2.200 евра).

    Од оние кои едвај се јавувале за збор во Собранието е и беровчанката Марија Рашковска, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ. Во текот на 2013 година два пати имала излагање на седници и исто толку реплики или контрареплики. Таа е еден од пратениците со повисоко салдо на телефонските импулси. За четири години има потрошено 102 илјади денари (1670 евра), а лани околу 34 илјади денари, што е во рамките на лимитот кој им се одобрува.  Молчелива на собраниските седници е и нејзината партиска и собраниска колешка, пратеничката Нада Станчевска која во последната година од мандатот направила сметка од околу 40.000 денари. За четири години има потрошено околу 183 илјади денари (3.000 евра) на телефон.

Слична е и сумата на Маринела Тушева од СДСМ, која во текот на цела година немала излагања на пленарна седница. Иако трошела најмалку во 2013 година, нејзината вкупна сума за последниве четири години ја рангира некаде во средината на листата на „муабетчиите“.

    Од оние, пак, што пак се најголеми мераклии за зборување покрај Вељановски и Макрадули се и на врвот од листата се и координаторката на пратеничката група на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева, која лани во просек разговарала на телефон 1 час и 45 минути дневно, а во 2010 година скоро 3 часа дневно. Координаторката на Демократската унија на Албанците, коалиционен партнер во Владата, Ермира Мехмети разговара во просек 1 час и 45 минути, додека во минатите години двојно помалку. Пратениците од владејачкото мнозинство Александар Николовски и Владимир Ѓорчев разговарале по  1 час и 35 минути минатата година, односно 1 час и 30 минути, а во 2010-та, по 2 часа просечно дневно.

Некогашниот претседател на Собранието и долгогодишен пратеник, Стојан Андов се присетува на деновите кога пратениците немале мобилни.

    „Општо земено порано не беше така зацврстена позицијата на пратеникот како што е сега. Во првиот мандат најголем дел од пратениците не беа професионални.

Имаше некој додаток кој се даваше за работа во Собранието, иако пратениците поголем дел беа стопанственици и работеа во нивните фирми или беа вработени некаде. Така беше до 1994 година“, ни раскажа Андов. Тој додава дека порано пратениците штеделе повеќе. „Прв пат во 1992 година се појавија пејџерите кои се носеа на појасот и ако некој сака да разговара со вас тогаш ќе зуи пејџерот и ќе видите кој се јавува. Тоа беше првиот мандат. Пред крај на вториот мандат се појавија мобилните телефони. Беа гломазни, тешки и многу не ги користеа луѓето. Потоа веќе во тртиот мандат се прошири употребата на мобилните телефони. Тогаш речиси не се користеа за праќање пораки, текстови, цели туку за разговори само, а потоа се разви и таа комуникациска техника“ вели Андов. Според него, добро е што пратениците ги користат многу мобилните, дури и за снимање и не треба да им се замери што ги користат повеќе ако си платат за тоа. Иако, потенцира дека најдобро е пратениците да имаат директни контакти со граѓаните.

Александар Божиновски