Мени

Кумановските земјоделски производи без пестициди?

04.06.2013 11:28 | KumanovoNews

 Кумановските производители на овошје и зеленчук тврдат дека минимално употребуваат пестициди, бидејќи храната која ја произведуваат ја користата и за свои потреби освен што ја продаваат на пазар.

Кумановските земјоделски производи без пестициди?

Тие велат дека се свесни дека пестицидите се штетни, но без прскање нема богат и убав род.

Прскаме пипер, патлиџан, боранија и друго ама сосема малку. На сите треба да им биде јасно дека ако не прскаме, нема ништо да се роди. Климата е изменета последниве години и тоа влијае да има повеќе штетници. Имаше нагли жештини, многу ладни периоди, каллив дожд имаше - вели Сузана Михајловиќ, земјоделец од село Љубодраг.

Граѓаните велат дека приоритет им е здравата храна, и кога пазаруваат избегнуваат овошје и зеленчук третирани со пестициди.

 Јас имам мали внуци и нормално дека ми е важно храната да е природно произведена. Внимавам да не купам пипер, домати кои се пораснати, убаво изгледаат само затоа што е фрлено многу вештачко ѓубриво - рече Верка Трајковска, купувач.

Агрономот Андријана Стојковска објаснува дека кумановци не трошат многу пестициди при производство на раноградинарски култури. Според неа свесноста е зголемена, но и не сакаат да фрлаат премногу пари за препарати.

Едно е што немаат многу пари, а друго што свесни се дека премногу хемикалии се штетни. Пиперки и домати најмногу се одгледуваат во кумановско и тие најчесто се прскаат. Истото важи и за компирот. Без прскање плодовите ќе бидат ситни, но и тоа може да се продаде на пазар бидејќи луѓето се навикнаа дека јаболкото со црв е здраво и не е прскано - додава Стојковска.

Таа објаснува дека пестицидите ги подобруваат приносите на сите земјоделски култури.

Во последниве години се популаризира органското производство кое е природно, и ја исклучува употребата на штетни хемикалии.