Лекарите да истакнат дека не се плаќа за преглед кај матичен
Матичните лекари од први јануари се обврзани во своите ординации да истакнат натпис за бесплатен преглед, иако тој и порано не се плаќаше.
Во бесплатните услуги спаѓаат и ехо и ЕКГ испитување, препишување на рецепти и давање на упати.
Матичните во Куманово ја почитуваат одлуката на Фондот за здравствено осигурување и имаат истакнато дека прегледите се бесплатни. Ако контрола затекне канцеларија во која нема натпис тогаш лекарот ќе биде казнет. Треба да има информации од колку до колку часот му е смената и кој лекар му е замена. Кој сака да работи мора да почитува некои правила - вели Фатмир Асани, претседател на матични лекари од Куманово.
Друг матичен лекар вели дека ова не е ништо ново во здравството, туку дека пензионерите имаат одредени бенефиции при лекување и намерата е оваа катергорија да се информира дека е бесплатно.
Пациентите добро знаат дека матичен лекар не наплатува. Доаѓаат без денар во џеб, завршуваат работа и си одат. Постојано се прават некои измени, а никој не зборува дека капитација доцни за октомври месец. Сите млади лекари сакаат да избегаат од државата, и ако вака продолжи не знам кој ќе не лечи после 15 години - вели нашиот соговорник.
И гинеколозите со новите договори со Фондот за здравство ќе нудат бесплатни прегледи за пациентките.