Лекарите ограничени за препишување антибиотици
Матичните лекари од почетокот на годинава имаат ограничување во однос на препишувањето на антибиотици. Поради тоа бараат од пациентите да имаат разбирање за новите правила, а и да сфатат дека за секоја настинка не треба да посегнуваат по антибиотици.
Млади, стари при вирусни инфекции веднаш бараат антибиотици. Ние имаме лимит за антибиотици. Во развиените земји не можете да ги натерате луѓето да пијат антибиотици, а ние каскаме 100 години зад нив. Во Германија, ако му кажете на пациент да пие антибиотик за најобична настинка ќе се чуди. Ќе пијат чаеви, ќе внесуваат витамини и ќе им помине - објаснува матичен лекар.
Фатмир Асани, координатор на матични лекари од Куманово вели дека со новините кои ги вовело Министерството за здравство се пресметуваат поени и секој лекар има лимит колку антибиотици може да препише на своите пациенти.
Колку поени има лекарот, колкав буџет и ќе дели. Ако на пример имаа 2500 поени, тогаш 15 отсто од лековите кои ќе ги препише можат да бидат антибиотици. Граѓаните треба да се едуцираат да не инсистираат за антибиотици. За грип не треба антибиотици. Самите пациенти кога ќе дојдат си бараат да им се препише одреден лек, ако два - три пати го одбие лекарот, тој ќе се одјави. Има пример ако пацинетот го болел желудник, тој цела година продолжува да пие лекови, иако нема болка - додава Асани.
И пациентите си признаваат дека не можат без антибиотици и редовно ги купуваат.
Месечно трошам по 3 пакувања антибиотици. Си купувам кафетин кога ќе ми препише лекар. Дома редовно имам аналгин и андол - вели Петкана Симоновиќ од Куманово.
Некои од матичните лекари сугерираат дека како што се прават реклами за јавно информирање, финансирани од државата, треба и на оваа тема да и се обрне внимание.