Лицата со попреченост ќе добијат физичко воспитание
Четворица професори по физичко воспитание и еден физиотерапевт ќе работат со лица со попреченост во двата дневни центра во градот и со учениците од посебни паралелки во ОУ “Браќа Миладиновци“.
Стручните лица ќе ги ангажира Општина Куманово преку проект на УНДП за надомест од 6000 денари за период од 6 месеци. Огласот ќе биде објавен следната недела, а потоа ќе следи селекција на кадрите кои ќе вршат општинско - корисна работа.
Договорот од страна на градоначалникот и генералниот директор на УНДП беше потпишан вчера. Професорите ќе работат со скратено работно време по 4 часа дневно. Сега сме во фаза да објавиме оглас за лица кои се заинтересирани за вработување и да ги информираме и двете целни групи. Услов е лицата да се заведени како невработени во Агенција за врабоување и да се активни баратели на работа. Втора целна група ни се корисници на дневните центри и ученици и нив ќе треба да ги информираме - изјави Фросина Трајковска, помошник раководител на сектор за спорт, култура и социјална заштита во Општина Куманово.
Општинско - корисната работа има за цел да им помогне на лицата кои се невработени постепено да се вклучат на пазарот на трудот и да даваат услуги од социјална сфера.
Понатаму можно е продолжување на ангажманот или зголемување на бројот на луѓе вклучени во општинско корисна работа.