Мени

Лицата со попреченост се почесто доѓаат до работа

19.09.2013 13:24 | KumanovoNews

Над 20 лица со попреченост од кои 14 од североисточниот регион се вработиле последната година преку проект на УСАИД за практикантска работа и вработување на ниво на државата.

Лицата со попреченост се почесто доѓаат до работа

Од нив четворица се работно ангажирани во општините или државни институции. Во исто време 10 лица со пречки во развојот се ангажирани како  практиканти, а освен во заштитни друштва тие вработување можат да добијат и во администрација.

 Со вработување се зголемува нивното партиципирање во општеството и нивниот придонес. Многу е важно да се потенцира еднаквоста и можностите кои треба да им се нудат на овие лица од страна на општеството - изјави Џејмс Стејн, директор на Мисијата на УСАИД во Македонија.

Лидија Дамческа, директор на проектот вели дека за овие две години имаат резултати кои се за поздравување, а проектот ќе трае до август 2014 година.

Им стоиме на располагање на сите компании, а воедно и на сите лица со попреченост кои сакаат да најдат работа. Преку денешната презентација сакаме да го промовираме проектот, нашите успешни резултати и да прикажеме видео за успешно вработување - рече Дамческа.

Регионален координатор за североисточен регион за лица со посебни потреби Благица Димитровска, вели дека вработувањето е можност лицата да се осамостојат.

Не очекувавме толкав одзив од компаниите и институциите. На ниво на североисточен регион до 15 август имаме 7 вработувања, а од 15 август до денеска имаме уште 7 вработувања - рече Димитровска.

И невработените лица со интелектуална попреченост следат обуки за тоа како полесно да најдат работа.

“Алфи Би“ е компанија која седум години вработува лица со попреченост за различни работни позиции.

 Имаме од општи работници, помошници, комерцијалисти, администратори, возачи. Одговорни се, се социјализираат брзо, редовно доаѓаат на работа. Воопшто не е тешко да се работи со нив и се надевам дека и во иднина ќе примаме бидејќи планираме ширење на објектот - објаснува Гоце Серафимовски од „Алфи Би“.

Само во оваа компанија се вработени 28 лица со попреченост.