Локалниот младински совет со нова стратегија
Локалниот младински совет ќе донесе нова стратегија за млади за период од 2014 до 2019 година, бидејќи старата истекува до крајот на годината.
По тој повод денеска се оддржа јавна расправа на која претставници од невладините организации, училишта, ОБСЕ, УНДП, локалната самоуправа, советници зборуваа за улогата на младите во општеството и носењето одлуки.
Интензивно работевме на подготовка на овој нацрт документ кој на јавна расправа се разгледува за да различни чинители видат што недостасува, што треба да се дополни. Генерално забележавме дека старата стратегија иако е добра е преобемна. Оваа стратегија ја фокусиравме повеќе на делот за вклучување на младите во граѓанското општество и во процесите. Повеќе можности да се отворат за волонтирање, да преземаат иницијативи, да бидат активни - вели Матеј Маневски, претседател на Локален младински совет.
На расправата говореше и градоначалникот Зоран Дамјановски кој потенцираше дека во последниве 10 години, 300.000 луѓе, претежно млади се иселиле од земјава бидејќи немаат перспектива.
Од економски причини со либерализацијата во Европа и светот масовно се иселиле многу млади луѓе. Стратегијата има за цел младите да ги доведе да бидат основни носители на општествените промени - рече Дамјановски.
Тој објасни дека има заложби за отварање на сектор за млади и ветувањето дадено во кампањата да се даде Старата градска куќа на користење на невладините ќе се реализира кога ќе се решат имотно - правните односи.