Малолетници ограбиле мигранти од Гамбија и Мали
Шест малолетни кумановци ограбиле државјани на Гамбија и Мали, откако ги пресретнале на локалниот пат Куманово-Долно Којнаре.
Инцидентот се случил пред три дена околу 20 часот, кога разбојниците Ф.Б.(16), М.Т.(16), С.Ј.(16), М.Љ.(16), К.М.(15) и К.С.(14), се договориле физички да ги нападнат и да ги ограбат мигрантите А.Д.(29) од Гамбија и Д.С.(21) од Мали, додека се движеле по патот. Тогаш Ф.Б. извадил гасен пиштол и го репетирал по што испукал три истрели во воздух. Потоа го вперил пиштолот кон странците и им се заканил дека ќе ги убие, по што на Гамбиецот од вратот му го скинал ланчето. Останатите разбојници се нафрлиле над исплашените патници и им ги пребарале џебовите на облеката, при што им одзеле 560 евра, два мобилни телефони и облеката што ја носеле во торбите. Откако ги ограбиле момчињата избегале.
Странците побарале помош од локалните жители и го пријавиле случајот во полиција. По извршениот претрес во куќите на разбојниците биле пронајдени телефоните и облеката, кои им се вратени на мигрантите. Полицијата го пронашала и пиштолот од кој пукал Ф.Б., кој е предаден на вештачење.
Шесте малолетни момчиња се од населбите Карпош, Перо Чичо и Долно Којнаре. Најмалиот од нив К.С. и порано вршел тешки разбојништва во Скопје.