Мерната станица ќе проработи догодина?
Мониторинг станицата за загаденост на воздухот сместена во кругот на болницата се очекува да проработи следната година.
Од Министерството за животна средина велат дека во тек е постапка за набавка на резервни делови за мерната станица.
Се работи за резервни делови кои се набавуваат од странство и затоа постапката трае малку подолго. Станицата не работи една година и во најкратко време штом ќе се набават деловите ќе биде ставена во функција - вели Сашо Секуловски, портпарол на министерството.
Брзата помош, детското одделение во Општа болница Куманово и матичните лекари во градот засега немаат зголемен обем на работа. Тие предупредуваат дека ако воздухот е загаден први на удар ќе бидат срцевоболните и астматичарите. Во раните утрински часови тие ќе се соочат со гушење, потешко дишење и кашлање заради магла и смог.
Воздухот е влажен, ладен, има магла, нечист е и тоа неодговара за распираторни болни. Симптоми би биле брзо замарање, намалена физичка активност кај повозрасните граѓани. Бремените жени се ослободени од работа. Временските услови и на нив влијаат и затоа треба да внимаваат. Во период кога има магла да си седат дома - објаснува Маја Манасијевиќ, општ лекар во Брза помош.
Податоци за загадување на воздухот освен за Куманово, нема и за мерните места Кавадарци, Лазарополе, Мршевци, Миладиновци, Велес 1, Велес 2 и Битола 2.