Мени

Минимално извршување на општински буџет во двата квартали

27.08.2014 13:25 | KumanovoNews

Минимално е реализиран општинскиот буџет во двата  квартали од 2014 година, критикуваа советниците од Коалицијата За подобра Македонија на денешната седница на Советот на општина Куманово.

Минимално извршување на општински буџет во двата квартали

Велат дека се носат нереални буџети, општината нема пари за реализација и проектите стојат во место што е видливо на терен.

“Стана пракса за се што треба да се спроведе во општината, да има еден универзален одговор “Нема пари“. Општината е под блокада, затоа ништо не се реализира. И самите граѓани тоа можат на секој чекор во градот да го почувствуваат. Ништо не се гради, не се инвестира, дури и постоечкото не се одржува. Куманово стана град на темината. Дури и во центар јавното осветлување не функционира, а да не зборуваме за приградските населби “ - изјави Драган Петковски, советник од ВМРО - ДПМНЕ.

За наведениот период општина Куманово реализирала 32 отсто приходи , а на расходната страна се потрошени 27 отсто од парите кои биле планирани со програма.

“Најголем дел се средства по однос на блокадата, имаме плаќано главнина за кредитот на “Водовод“, по програми за изградба на улици, за капитални расходи на општината, за уредување на градежно земјиште, за експропријација, изградба на гасоводна мрежа, одржување на локални патишта, програма за јавна чистота, за изградба на јавно осветлување“ - вели Драгица Ѓуровска, овластен сметководител во општина Куманово.

На денешната седница на Советот на општина Куманово советниците го изгласаа извештајот за извршување на буџетот за двата квартали од почеток на 2014 година.