Министерката Јанкуловска го посети Клечовце
Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска денеска го посети селото Клечовце и на лице место се увери дека штетите од полавите во кумановскиот регион се огромни.
Излеаната вода од коритото на Крива река ги поплави куќите и земјоделските површини, а селата останаа отсечени од градот.
Штетите се огромни, цели места се отсечени и практично немале можност граѓаните од одредени населени места да ги напуштат своите куќи. Јас и како член на Владата и како министер за внатрешни работи се обидувам на граѓаните да им ја пренесам пораката дека во рамките на можностите ќе се ангажираме максимално за ублажување на штетните последици од поплавите. Ние како Влада во изминатиов период имавме низа превентивни активности во смисла на расчистување на каналите. Тоа е веќе една традиционална акција, но ова што ни се случува покажува дека природата знае да биде немилосрдна и понекогаш е многу тешко да се бориме против неа. Штетите од природни катастрофи можат да бидат многу големи. Она што ни е предизвик овде во Куманово како Министерство за внатрешни работи ни е евакуација на луѓето кои се заробени во своите домови. Се со цел да бидат луѓето пренесени на безбедно - изјави Јанкуловска.