Млади кумановци учат да снимаат филм
Девет млади кумановци од денеска до средината на наредната недела ќе учествуваат на летната школа во Охрид, каде ќе учат за филмот, ликовната уметност и литературата.
Учесниците ќе следат предавања за основите на филмската продукција, ќе имаат и практични вежби за снимање со камера, фотографија, видео - активизам, монтажа и пишување сценарио.
Од оваа група треба да произлезат четири тима кои на есен, врз основа на заеднички создадени сценарија, ќе снимат документарни филмови за човековите права и за толеранцијата во нивните средини-.објаснуваат од “Цивил“, кој го организира кампот.
Истовремено се предвидени работилници за креативна работа со сликарски материјали, компјутер и фотоапарат, односно сликање и цртање, инсталации, ворд - арт, фотографија, дизајн, е-графика. Учесниците ќе бидат запознаени со литературните жанрови, техниките на пишување за различни медиуми.Филмската работилница почнува со работа денеска и ќе заврши на 27 јули. Ликовната и литературната работилница ќе се оддржат од 27 до 31 јули.