Мени

Младите дебатираа за формирање на Национален младински совет

06.03.2013 16:18 | KumanovoNews

 Претставници од повеќе невладини организации денеска дебатираа за потребата за основање на Национален младински совет.

Младите дебатираа за формирање на Национален младински совет

Станува збор пред се за иницијатива која што доаѓа од младинските организации за формирање на едно претставничко тело кое што понатаму ќе работи на застапување на нивните права и помагање за донесување на одлуки. Ова е иницијатива за формирање на платформа, која што подоцна ќе преговара со Агенцијата за млади и спорт за донесување на национална стратегија за млади, или пак со некоја друга институција. Оваа иницијатива е почната уште минатата година и во Иницијативниот одбор членуваат 16 организации - изјави Ивана Давидовска, директор на ЦИД.

Јавни дискусии на истата тема ќе има осум. Во Скопје веќе се дискутираше за Национален младински совет, а потоа дискусии ќе следат и во Велес, Тетово и други градови.

 Сите младински организации ќе имаат многу голем бенефит. Досега сите младински организации работеа на локално ниво. Сега треба да отидеме на еден чекор понапред. Овие 20 години во Република Македонија немало ваков организиран систем. Младинските организации на терен напорно работат на терен, но сега треба оваа работа да ја надградиме - вели Даниел Калајџиевски, од невладината ХЕРА.

Нема ограничувања колкав број организации ќе влезат во состав на Националниот младински совет.

Дебатираме што е тоа што му треба на младиот човек и како треба да изгледа тој Национален младински совет. Сакаме да ги мапираме сите организации од сите региони на Македонија кои што понатаму ќе бидат повикани на Основачкото собрание и ќе станат дел од советот. Има организации кои дејствуваат во еден град, во повеќе градови, на национално ниво. Сите одлуки ќе бидат донесени на Основачкото собрание ова лето. Сите предлози и забелешки ги запишуваме и ќе бидат внесени во предлог статусот, кој ќе биде презентиран и гласан на Основачкото собрание - рече Ивана Јордановска од Џеф Македонија.

На јавната дискусија имаше претежно членови на кумановски невладини организации како “ЦИД“, НРЦ, Извиднички одред “Скаут“ и други.