Mладите најмногу сакаат да изгледаат убаво
За младите најважно е да изгледаат убаво, да се осамостојат и да формираат семејство, додека активизмот во заедницата не им е приоритет и се наоѓаат подолу на листата на приоритети.
Ова го покажало истражувањето на ФЕС и Институтот за социолошки и политичко - правни истражувања од Скопје, спроведено минатат година. Стефан Маневски од Центар за меѓукултурен дијалог вели дека потребите на младите се менуваат од генерација во генерација.
- Порано имаше група на волонтери кои беа активни од личен избор или етички побуди, лични вредности, сакаа да придонесат. Имаше волонтери кои волонтираа за мир, за меѓукултурен дијалог, за помирување. Денес тоа веќе го нема, многу е ретко. Денес луѓето волонтираат за да се прошетаат, за да стекнат искуство кое ќе им даде работа. Треба да сме свесни дека нашава работа денес стана чекор пред добивање на работа и сите ова го гледаат како искуство кое понатаму ќе им овозможи да најдат добра работа - рече Маневски.
Ивана Јордановска од ЏЕФ Македонија вели дека граѓанската свест кај младите е на многу ниско ниво.
- Вината за ова можеме да ја бараме на повеќе места, но факт е дека самите граѓански организации функционираат според финансиите, според барањата на донаторите, не според барањата на граѓаните. Во таква ситуација што би требало да ги инспирира младите да волонтираат во невладини организации? Редовна плата, наместо вредности и заложби? - вели Јордановска.
Таа додава дека треба да се создадат граѓански организации кои ќе им припаѓаат на граѓаните.