Младите незадоволни од предложениот закон
Младинската организација Центар за меѓукултурен дијалог од Куманово го изразува своето незадоволство од последните случувања во младинската политика, поточно околу донесувањето на Законот за млади кој е во собраниска процедура.
Членовите на ова младинско здружение сметаат дека законот е изготвен во нетранспарента процедура,без консултација на младинските здруженија, за многу краток период од само десетина дена и поради тоа има голем број на недоречености.
Од анализата на нацрт- законот увидовме дека законот наместо да ги отвори вратите за поголемо младинско учество, истиот ги лимитира. Формирањето на Национален младински совет кој треба да биде апсолутно независно тело, законот предвидува да има 29 членови, 13 да се претставници на министерставата, а останатите ќе бидат номинирани од одреден број на организации. Сето ова укажува дека таквиот процес, и закон е направен да ја лимитира работата на младинските организации, а уште пострашно да стави диктатура на младинското мислење и да го оневозможи нивното учество во процесот на донесување на одлуки. Овој закон исто така го уредува и организирањето на млади на локално ниво на многу нетранспарентен начин давајќи преголеми ингеренции на локалните и националните власти во процесот на одлучување. Со законот не е утврдено кој може да е член на Локален младински совет ниту критериуми за селекција. За град со големина на Куманово се предвидени од 5 до 11 членови што значи дека не сите младински здруженија, групи на млади и останати ќе имаат шанса да бидат претставени во оваа тело- велат Ивана Давидовска и Стефан Маневски .
Члениовите на ЦИД имаат забелешки на делот со казнувањето на младинските организации доколку не работат во тесно дефинираното поле на дејствување и висината на финансиските средства за работа на младинскиот совет во висина од 100 илјади денари годишно.
ЦМД со другите невладини организации лобираат во Парламентот законот да се врати на доработка при што процесот би се отворил за младинските здруженија како и за неорганизираните млади луѓе да дадат свој придонес во негово комплетирање.