Младите од Куманово побараа одговорност за убиството на Нешковски
Стотина млади луѓе од Куманово денеска попладне излегоа на протест за да кажат „Стоп на насилството“, по убиството на Мартин Нешковски од полициски припадник. Младите во 17 часот се собраа на Градскиот плоштад, потоа се упатија пред Полициската станица и прошетаа по улиците во центарот на градот.
На овој протест нема организатори, нема лидери и ние не сме партиски определени.Протестот е политички, бидејќи поставуваме барања кои треба да ги исполнат луѓето од власта.Ние бараме целосна одговорност на оние кои го сторија грозоморниот чин, оставка од министерката Гордана Јанкуловска и портпаролот Иво Котевски, бидејќи ја дезинформираа јавноста со цел да го прикријат убиството. Со овој протест сакаме да го изразиме гневот и револтот што го чувствуваме, бидејќи не сме безбедни додека се движиме по улиците во градот - рече Сања Боризовска, која им се обрати на присутните.
Едно од барањата на младите е воспоставување надворешна контрола врз полицијата, со што внатрешната би добила второстепено значење.
Младите најавија дека протестите ќе продолжат и наредните денови, а во недела сите масовно ќе заминат во Скопје.