МРТ праќа сметки и на глувите лица
Граѓаните со оштетен слух од Куманово се жалат дека дoбиваат сметки за плаќање на радиодифузна такса, иако се ослободени од оваа давачка веќе неколку години.
Во Здружението на глуви и наглуви лица, над 25 лица пријавиле дека добиле вакви решенија.
Ако мажот е ослободен од плаќање на радиодифузна такса, решенија стигнале на име на сопругата, на децата кои се полнолетни. За да се корегира грешката потребно е да соберат документи што ги чини време и пари. Треба да се достави и аудиограм со кој ќе докажат дека имаат оштетен слух. Луѓето кои се во село, попрво ќе платат 190 денари отколку да закажуваат преглед во приватна ординација или болница, да прават копии од документи - изјави Зехран Демир, претседател на Здружението на глуви и наглуви.
Ова здружение брои 350 членови, вклучувајќи ги и глувите од Кратово и Крива Паланка. Сите тие според член 146, став 6 од Законот за радиодифузија се ослободени од плаќање на радиодифузна такса.