На 5 октомври “Македонија без отпад“
Во рамки на проектот “Македонија без отпад“ на 5 октомври и во североисточниот регион ќе се спроведе акција за чистење на отпадот.
По тој повод денеска во Куманово се оддржа работен состанок на кој присуствуваа претставници од општините во регионот, АРМ, Регионален центар за управување со кризи и други институции кои добија насоки за текот на акцијата.
Секоја општина, училиште, организација, институција може да направи активности во однос на акција, едукација или промоција. Во акцијата ќе имаме конкретно чистење на отпадот со поставување на собирни пунктови за граѓаните. Во едукативниот дел ќе организираме презентации, дебати, дискусии и во промоција имаме правење на видеа, поставување на социјалните мрежи за да се пренесе гласот за оваа акција. На веб страната на „Ајде Македонија“ секој треба да регистрира активност за да знаеме колку активности имало по општини - изјави Антонио Јовановски, координатор на проектот “Македонија без отпад“.
Со една акција не може да се исчисти околината, но целта е граѓаните да стекнат еколошка култура и да внимаваат каде го фрлаат отпадот.
Оваа година општините треба да ги дадат локациите за чистење, а потоа асоцијацијата да определи начин како да допре до тие локации. Ова е акција повеќе за подигнување на свеста. Чистењето е еден одржлив процес кој треба да се надградува во континуитет. Сеуште за жал културата во нашето општество е на многу ниско ниво и граѓаните немаат свест дека отпадот може да се селектира, рециклира, а не директно да се фрли - рече Марко Панковски, координатор за североисточен регион.
Граѓаните до спроведување на акцијата за чистење можат на бесплатниот број 195 во Регионалниот центар за управување со кризи да пријавуваат фрлање на отпад на места кои не се за таа намена.
Потоа ќе можеме ние да ги известиме надлежните органи, служби кои ќе треба да преземат соодветни мерки. Сведоци сме дека продолжува фрлање на секаков отпад и во самите реки и покрај речните корита, што претставува проблем кој бара и финансиски и работен ангажман. Понатаму не би требало да си го дозволиме тоа - вели Ѓоко Стефановски од Регионален центар за управување со кризи.
Лани во акцијата се вклучија 55.000 македонски граѓани, а сличен модел за чистење се спроведува во 107 земји во светот.
Акцијата ќе ја спроведат повеќе субјекти заедно со асоцијацијата на невладини “Ајде Македонија„.