На матичните лекари им доцни капитацијата
Матичните лекари од Куманово се жалат дека капитацијата што ја исплаќа Фондот за здравствено осигурување доцни над три месеци.
Ненавременето исплаќање на заработените пари создава револт кај лекарите, бидејќи се соочуваат со финасиски проблеми.
Како и порано капитацијата доцни по три или четири месеци. Во договорите кои сме ги потпишале стои дека најдоцна за два месеци треба да ги исплатат тие пари. Незадоволството е големо кај лекарите. Мене ме прашуваат кога ќе се исплати капитација, а тоа зависи од ФЗО. Тие пари ни се потребни, имаме потреба да плаќаме фактури за добавувачи на лекови, сметки за струја, кирија, плата за своите работници. Некои лекари земаат кредити, некои со помал број пациенти имаат помала капитација и тешко излегуваат на крај. Секој месец праќаме допис, но нема ништо од тоа - изјави Фатмир Асани, претседател на Здружение на матични лекари Куманово.
Асани смета дека со пререгистрацијата околу 8000 луѓе ќе останат без здравствено осигурување, а ќе одат на лекар само при посериозни здравствени проблеми со што губат лекарите. Според него, сите невработени треба да имаат право на сини картони и бесплатна здравствена заштита бидејќи тоа право е загарантирано со Уставот на Република Македонија.