На Спомен Костурницата одбележана победата над фашизмот
Делегации од локалната самоуправа, борците, политичките партии, јавните претпријатија, училиштата, невладините организации и граѓаните, денеска положија свежо цвеќе на Спомен Костурница на паднатите борци од НОБ, во чест на 9 мај-Денот на победата над фашизмот.
За значењето на овој датум за македонскиот народ, зборуваше Благе Јакимовски, секретар на Сојуз на борци Куманово.
Годишнините и ваквите одбележувања имаат за цел да ја обноват колективната меморија на еден народ, да потсетам на катастрофите на историјата, да предупредат на трагичните грешки кои се правени за истите да не се повторуваат. Пред се да го поттикнат чувството на гордост за херојството на нашите претходници кои ја имаа таа чест и среќа да учествуваат во таа победоносна борба. Славењето на денот кога беа поразени мрачните фашистички и нацистички сили е славење на животот, слободата и демократијата. Хероите во таа борба се раководеле од ваквите слободоумни идеи и по цена на своите животи извојувале победа над фашизмот за една подобра земја. Никој нема право да брише факти од нашата историја, туку тоа треба да ни бидат атрибути пред меѓународната заедница, Европа и светот - истакна во своето обраќање пред присутните Јакимовски.
Тој потсети дека македонските борци во Втората светска војна учествувале и на просторите на поранешна Југославија во прогонот на фашистите. Само во пробивот на Сремскиот фронт загинале 1200 борци од Македонија.
Јакимовски се надева дека Македонија наскоро ќе влезе во европското семејство и ќе обезбеди мир, демократија и просперитет за своите граѓани.