Мени

На Св.Макавеи во Герман

16.08.2011 10:01 | KumanovoNews

Изненадувачки многу народ се имаше насобрано на прославата на христијанскиот верски празник Св.Макавеи во кривополанечкото село Герман.

На Св.Макавеи во Герман

 На пространото тревнето плато опкружено со густа борова, букова и габрова шума одвај имаше место да се паркираат сите автобуси, џипови и автомобили, а луѓето, стари и млади, момци и девојки - расшетани или наседнати под сенки од шаторски платна, со јадење и пиење и со многу џагор. Регистрации на возила - од Куманово, Скопје, Велес, Штип, Кочани... Тапани, зурли, кавали, новокомпонирана српска и македонска музика на „сто децибела“, ора, ведро сино небо, сонце, отворена црква Св.Троица полна со верници... Денот поминува како час.

Тие што првпат доаѓаат во Герман и очекуваат да видат село (населено место) - нема да видат.  Типично планинско село од растурен тип, со дваесеттина маали скриени во густа шума на триесеттина квадратни километри, на 1.200 метри надморска височина, административно во состав  на Општината Ранковце. До Герман се стигнува по кривулест нагорен пат од пред некоја година асфалтиран, пеш за добри 3-4 часа, со автобус за близу 2 часа а со патнички автомобил нешто побргу. Местото е измислено за летен и зимски селски туризам. Пресметливи луѓе-бизнисмени по потекло од овие краишта, градат викендички по нивите и ливадите на нивните претци, закупуваат државно земјиште со концесии. По ливадите извира лед студена планинска вода, чист воздух Господ дал во неграничени количини. Рај божји и за лето и за зима! Вреди да се види, да се поужива и да се пожали што не сме свесни со какви природни убавини располагаме.