Наградени најдобриот полицаец и пожарникар
Градоначалникот Зоран Дамјановски денеска ги награди најдобриот полицаец и пожарникар во Куманово за оваа година.
Сузана Петровска е најдобар полицаец, а Заим Ајдини е прогласен за најдобар пожарникар. Петровска зад себе има 21 годишно работно искуство и вели дека ова признание ќе и биде мотив за и понатаму да се докажува професионално.
Работам во полициска станица за безбедност во сообраќајот и на патиштата. Ова признание го заслужив континуирано со работа, ангажираност, како репресивно така и превентивно, укажување на возачите да го почитуваат Законот за сообраќај на патиштата и да го применуваат за да не дојде до сообраќајки. Превентивно делување на пешаците, на децата како да поминуваат на пешачки. Имам работено на повеќе позиции. Бев прва жена православна во полициска станица Матејче - вели Петровска.
Ајдини како пожарникар работи шест години и вели дека една од најуспешните интервенции годинава е онаа на улица Благој Илиевски Гуне каде се избегнати жртви и пожарот во станбена зграда е локализиран.
Имавме доста успеси на работа. Јас обично ги возам противпожарните возила и се залагаме навреме да стигнеме и да им помогнеме на граѓаните да не дојде до поголеми штети - рече Ајдини.
На предлог на матичните сектори овие луѓе се избрани за најдобри работници за оваа година.
Традиционално локалната самоуправа во име на соработката со тие што најмногу се грижат за градот, тоа е МВР и противпожарна заштита даваме признанија за најистакнат работник од редовите на полицијата и противпожарната единица. Едно време тие беа заедно, сега со децентрализација се одделени. Јас имам чест како претставник на граѓаните односно избран човек да ги штитам интересите и да го водам овој град, во име на граѓаните, на град Куманово сакам да врачам скромни награди - изјави Дамјановски.
На средбата во Општината на шега присутните кажаа дека сите ќе бидеме среќни и задоволни ако во овие сектори има што помалку случаи каде треба да се интервенира.