Намален прометот на зелените пазари
Трговците се жалат дека по празниците продажбата им е намалена за 80 отсто.
Тие објаснуваат дека пазарот е празен и нема метеж, а граѓаните го купуваат само најнеопходното. Поради тоа не размислуваат за зголемување на цените на зеленчукот и овошјето, бидејќи народот нема пари.
Не доаѓаат ни да прашаат кое колку чини, не пак да купуваат. Тоа што направиле зимница сега седат дома и грицкаат. Полека зеленчукот станува луксуз. Кој ќе купува лимон, мандарини, портокали? Ако за 3 до 5 дена не се потрошат зеленчукот и овошјето се расипуваат. Вака ако продолжи нема да го извадам и тоа што сум го вложил, а не да заработам. Во Скопје ги зголемиле цените, ама Скопје е држава. Таму минимална плата е 200 евра, а овдека со 100 евра не можат да преживеат луѓето. Како тргнало ќе се навикнат и да не јадат - вели еден од трговците.
Ивица Ангеловски, објаснува дека муштериите со подлабок џеб сакаат квалитетна храна, а другите се ценкаат и го купуваат најевтиното.
Ако дојде некоја госпоѓа која работи во Авганистан, таа гледа што е убаво за око, не прашува за цена само кажува што и треба. Другите предност даваат на она што е поевтино. Кој каков му е стандардот, но повеќето немаат пари и потрошувачката е многу намалена - додава Ангеловски.
Купувачите велат дека при едно пазарување трошат 500 денари, а кесата е полупразна и она што го купиле брзо ќе се потроши.
Трошам од 300 до 500 денари при едно пазарување. Не можам да купувам поголеми количини, па да ми биде поевтино, туку купувам по малку бидејќи сме три члена дома. Скапо, евтино мора да се јаде - рече Чедо Петковски од Куманово.
На ниво на држава храната во последниве месеци е поскапена за повеќе од 2 отсто.