Народната кујна храни 192 кумановци
На три пункта во градот 192 граѓани од понеделник до петок добиваат топло оброк од народна кујна.
Се работи главно за стари и изнемоштени лица, како и семјства кои се социјално загрозени и немаат услови дома да се хранат. Од Министерството за труд и социјална политика, кои го спроведуваат проектот велат дека во изминатиот период бројот на корисници не е променет.
Секој ден земам готвено јадење, а за викенд ни даваат сува храна. Јас сум задоволна од државата што не ме остава гладна. Јас и сопругот вака преживуваме и благодарна сум на тоа. Има победни луѓе и од нас, а тие не земаат храна, треба и нив да ги прифатат. Државата треба да се грижи за тие што се премногу сиромашни - рече Садета Османи, корисник на народна кујна.
Социологот Зоран Петрушевски вели дека сиромаштијата е глобален проблем кој ги зафати и западните земји, а народните кујни се само сегмент од борбата против сиромаштијата.
Сиромаштија има секаде во светот и во Америка има народни кујни за бездомници. Во нашата традиција христијанска и муслимска е да се помага на сиромашните и тоа и државата го прифатила. Бројката дали е голема или мала, сепак мора да ја има. Тоа не е нешто специфично или ексклузивно. Не дај боже човек да се најде во таква ситуација, но дали сите се информирани за народните кујни? Како и да е народните кујни мора да постојат - кажа Петрушевски.
Тој смета дека многумина поради срам не се решаваат да земаат оброк од народна кујна иако се во лоша материјална состојба.