Наставниците бараат полн фонд часови
Од Регионалниот одбор на СОНК, до градоначалниците на североисточниот регион испратиле писма, со кои бараат наставниците кои се веќе вработени да им се обезбеди полн фонд на часови, наместо да се прима нов кадар.
Тие велат дека писмата се пратени непосредно пред да се распишат огласи за вработувања во средните и основните училишта.
- Ве замолуваме во рамките на вашите надлежности да преземете активности за распределување на работниците - наставниците кои се со неполн фонд на часови во други училишта каде има слободни места. Така би се спречило создавање на делумни технолошки вишоци на постари работници на територија на вашата општина. Во спротивно за непочитување на законот ќе бидеме приморани да преземеме активности за да ги заштитиме интересите и правата на членовите на СОНК - стои во соопштението од Регионалниот просветен синдикат.
Тие се повикуваат на Меморандумот за соработка кој СОНК и ЗЕЛС го имаат потпишано и има за цел да ги решава проблемите на сите нивоа.