Нема пари за „Порака-наша„
Социјализацијата на 21 лице со хендикеп од Куманово е доведена во прашање, поради тоа што Дневниот центар „Порака-Наша„ нема пари.
Доколку Општината и државата со новите Буџети не обезбедат доволно сретства за работата на овој дневен центар, тој наскоро ќе згасне, а лицата со интелектуална попреченост над 18 години за кои секојдневно се грижи стручен тим ќе бидат препуштени само на нивните родители.
Секојдневно ни прети опасност да престанеме со работа, бидејќи немаме пари. За нормално функционирање на центарот ни се потребни 3,2 милиони денари, а ние од Општината добиваме само 880 илјади денари. Од државата немаме никаква помош. Овие пет години опстојуваме благодарение на донациите од приватниот сектор, но тие се од привремен карактер и постојано се намалуваат- вели Благица Димитровска, претседателка на „Порака-Наша„ и мајка на дете со интелектуална пореченост.
Во државата не постои единствен регистар за лицата со интелектуална попреченост, односно голем дел од нив не се евидентирани никаде.Во Североисточна Македонија има регистрирано 1100 деца со интелектуална пореченост, но вистинската бројка изнесува од 3 до 5 илјади.Родителите на овие деца се надеваат дека нешто ќе се смени, бидејќи Собранието оваа недела ја ратификуваше Конвенцијата на Обединети Нации за правата на лицата со попреченост, која е обврзувачка за државата и за локалната власт.
Се надеваме дека ратификацијата на Конвенцијата нема да биде само на хартија и дека надлежните институции ќе започнат вистински да се грижат за лицата со интелектуална попреченост.Треба да се направат измени во постојните закони и ќе се создадат услови за подобар третман на овие лица. Досега на нив се гледаше како на категорија на луѓе кои не треба да ги остваруваат нивните права. Тие не се вклучени во предучилишни установи, ниту во редовното образование, не постојат сервисни услуги кои ќе ги подржат семејствата и лицата, за да и тие станат граѓани кои ќе допринесуваат во општеството и ќе се чувствуваат рамноправни- вели Димитровска.
Во Куманово, покрај Дневниот центар „Порака-Наша„ каде престојуваат лица над 18 години, работи и Центар за згрижување на лицата со хендикеп до 18 години кој го финасира Министерството за труд и социјална политика. Во нив се згрижени педесетина деца, додека останатите чекаат милост од државата и подобри времиња за нивна социјализација.