Нема план Б за Македонија, мораме во НАТО и ЕУ
На синоќешната панел дискусија што ја организираше ЛДП „Патот на Македонија кон Европа„, учесниците Роза Топузовска и Оливер Спасовски се согласија дека земјава мирува на ова поле и има многу нерешени проблеми.
Мора да признаеме дека спорот што го имаме со Грција за името е тука и постои. Значи не можеме да го игнорираме, но не е единствен. Во меѓувреме се случуваат многу работи кои Македонија наместо да ја придвижуваат напред кон ЕУ, и внатрешно да имаме подобра економија, демократија, да бидеме земја со европски стандарди, Македонија постојано во континуитет се уназадува. Ако се има добра волја може да се најде излезот, меѓутоа не гледам интерес кај Владата да најде решение. Не гледам искрени стремежи за напредок во евроатланските интеграции - рече Роза Топузова Каревска од ЛДП.
Пратеникот од СДСМ, Оливер Спасовски вели дека 80 отсто од граѓаните даваат поддршка на евроинтеграциските процеси.
Исклучиво членството во ЕУ и НАТО мора да биде врвен приоритет. Сериозна грешка ќе направи секој политичар кој мисли дека за Македонија може да има план Б и историјата ќе му суди. Мора да направиме се, за овие интереси кои се зацртани од граѓаните на Република Македонија да ги оствариме што поскоро и да станеме дел од европското семејство. Да бидеме дел од НАТО, да си ја гарантираме целовитоста, да обезбедиме пазар за македонската економија, подобар стандард за граѓаните и само по тоа може да не ценат што сме направиле - изјави Спасовски.
На панел дискусијата,граѓаните поставуваа прашања и се интересираа за влезот во ЕУ, за спорот за името и за актуелните политички случувања во државата.