Мени

Нема политички пречки, попис од 1-ви октомври.

15.08.2011 23:42 | KumanovoNews

На први октомври почнува пописот во Република Македонија. Техничките и политичките пречки за реализација на оваа статистичка категорија, се елиминирани - уверува претседателката на Државната пописна комисија, Весна Јаневска.

Нема политички пречки, попис од 1-ви октомври.

Денеска на седница, ова тело ќе констатира продолжување на работата што следи по неколкумесечниот застој. Треба уште да се конципира етничката структура на попишувачките одбори а за тоа ќе биде објавен конкурс.

Пописот официјално почнува на први октомври, но до овој датум сметано од 15-ти септември, во таканаречениот предпопишувачки период, ќе се попишуваат луѓето во АРМ, затворите и во дипломатско - конзуларните претставништва на Македонија во светот.

Со овој попис, Македонија ја почитува препораката на Еуростат или статистичкото биро на Европската Унија, за организација на попис еднаш на десет години. Претходниот беше по конфликтот во 2001. Со оглед на фактот што пописи веќе се спроведоа во Албанија и Бугарија, сега и кај нас, сепак претседателката на Државната пописна комисија, не смета дека тоа е некаква си акција под влијание на Европската Унија, иако вели дека е добро за добивање на регионални параметри за економските и социјалните движења.

На овие простори, зависно од случувањата, пописите се секогаш политички оптоварени, зашто главниот акцент се става на етничката и верската припадност на населението. Македонија и на овој попис графите за етничка и за верска припадност ги остава празни, за секој граѓанин да се запише по слободна волја. Албанија и Бугарија во пописните ливчиња наведуваат две до три можности, како што од етнички и верски аспект може да се запише еден граѓанин. Ова се коси со основното човеково право за слобода на етничко и верско изразување.