Нема работа за редовните студенти
Во земјава мал број студенти имаат можност паралелно да работат и студираат, бидејќи фирмите ретко ангажираат персонал на половина работно време.
Додека во западните земји тоа е редовна практика кај нас е речиси невозможно.
- Се зависи од тоа на кој факултет е студентот. На Градежен факултет студентите постојано се зафатени, имаат вежби по цел ден и немаат време за работа. Од мојата бранша, информатичарите можат да бидат ангажирани за изработка на програми, интернет страни, портали. Можат да работат без физички да се појавуваат на работно место. Има млади кои работат како келнери или продаваат во бутици. Од друга страна работа по струка многу тешко се наоѓа и фирмите треба да бидат поотворени за студенти. Кај нас работењето со четири часа работно време треба да заживее - вели Викторија Маневска, студент.
Со договор на дело студентите можат да работат хонорарно, да преведуваат, да вршат одредени услуги. Од регионалниот синдикат објаснуваат дека газдите честопати го злоупотребуваат договорот на дело, со тоа што работникот добива надомест за сработеното, а фирмата не му плаќа придонеси.
- Само ако е вонреден студент може да работи, ако е редовен нема шанси. Може студентот на црно да работи, да биде келнер. За работно време од четири часа, треба работникот да биде пријавен и ги има истите права како работникот, кој работи осум часа, само што стажот е помалку. Друга околност е што кај нас работа многу тешко се наоѓа за луѓе кои се дипломирани, а не пак за студенти - изјави Гордица Бошковска, правник во регионален синдикат.
На Запад студентите имаат поголеми можности, додека студираат заработуваат одредена сума со која ги покриваат своите трошоци за студирање.