Мени

Никуљане, Облавце, Бајловце, Пелинце и Стрновац без првачиња

07.09.2013 10:33 | KumanovoNews

Оваа учебна година во подрачните училишта во селата Бајловце, Облавце, Никуљане, Пелинце и Стрновац воопшто нема запишани првачиња.

Никуљане, Облавце, Бајловце, Пелинце и Стрновац без првачиња

На ниво на училиште имаме запишано 13 првачиња. Во училиштето во Бајловце нема прваче. во Облавце исто немаме прваче иако лани имаше. Во село Жељувино имаме само едно прваче. Се намалува бројот на деца и тоа е не само кај нас, туку и на ниво на Македонија. Кога одам на семинари се среќавам со колеги од други села и тие кажуваат дека и кај нив е така - вели Виолета Станковска, директор на ОУ “Христијан Тодоровски - Карпош“ во село Младо Нагоричане.

Во ОУ “Светозар Марковиќ“ во село Старо Нагоричане годинава се запишани 12 првачиња. Од таму објаснуваат дека во подрачното училиште во Никуљане немаат ниту едно правче.

Тоа е мало село со 5 - 6 деца на школска возраст кои учат во комбинирани паралелки. Првачиња последниве години нема. Во подрачното училиште во село Алгуња имаме 6 првачиња - изјави Жаклина Милинковиќ, директор на ОУ “Светозар Марковиќ“.

Од ОУ “Христијан Карпош“ во село Драгоманце објаснуваат дека оваа година централното училиште има 10 правчиња, од кои 8 се од Драгоманце, 1 од Челопек и 1 од Мгленце. Првачиња оваа година нема во Стрновац и Пелинце.