Мени

Новa директорка во музичкото училиште “Панче Пешев“

14.12.2012 15:14 | KumanovoNews

 Ивана Андоновска-Свилар, професорка по соло пеење е новата директорка во нижото музичко училиште „Панче Пешев„.

Новa директорка во музичкото училиште “Панче Пешев“

Андоновска-Свилар пет години работи како професор во “Панче Пешев“, а претходно предавала музичко воспитание во ОУ “Кочо Рацин“, ОУ “Браќа Миладиновци“ и економското “Перо Наков“.

Младата и амбициозна директорка смета дека основното музичко училиште треба да прерасне во средно, кое ќе ги покрива потребите на учениците во северо-источниот регион.

- Во самата програма која ја доставив до училишниот одбор поставив нови цели кои треба да се реализираат во наредните четири години. Високиот просек со средна оцена 4.85 кој училиштето досега го има постигнато ќе треба да се одржи со тенденција за уште повисоки резултати. Потребен ни е поголем училишен простор и со самото тоа би добиле можност за отварање на нови музички оддели како што се оддел за флејта, ударни инструменти, балетски оддел и др. Доколку добиеме подршка од локалната самоуправа би било можно во училиштето да се организираат регионални, републички и меѓународни натпревари. Ова секако би овозможило афирмација и на нашето училиште и на нашиот град. Ќе го мотивирам наставниот кадар за нивно стручно усовршување преку посета на обуки и семинари. Во наредниот период ќе планираме училиштето да се гасифицира, односно да се приклучи на гасоводната мрежа – рече Андоновска-Свилар.

Таа потенцираше дека во градот има многу талентирани деца и неопходно е училиштето да се прошири и да напредува.

Андоновска-Свилар доаѓа на местото на Светлана Трајковска која два мандати беше директор на музичкото училиште “Панче Пешев“.