Мени

Образовани Роми има, работа нема

12.09.2013 15:10 | KumanovoNews

Во Куманово се оддржа национална конференција на тема „Патот до социјална инклузија на младите Роми - желби и можности“ на која беше потенцирано дека околу 90 отсто од младите Роми се без работа.

Образовани Роми има, работа нема

Ашмет Елезовски од Национален Ромски Центар вели дека образован кадар од ромска популација има, но шанса за вработување овие луѓе многу ретко добиваат.

Премногу има вработувања за другите националности. Првиот човек на градот треба да врши притисок  во локалните претпријатија. Во ЈП“Чистота и зеленило“ имавме порано 90 отсто млади Роми, а сега сме на 50 отсто. Ние имаме и млади магистри, луѓе со завршени студии, професори кои можат да одговорат на потребите на одредени институции. Куманово може да се гордее со младите Роми бидејќи млада Ромка беше вработена во ЕУ Парламентот - изјави Елезовски.

Неждет Мустафа, министер без ресор и националан координатор на Декадата на Ромите објаснува дека процентот на Роми со завршено средно образование е видно зголемен.

Успеавме да го подигнеме степенот на образование на средношколци на доста задоволитено ниво. Потпишавме меморандуми за соработка со локалните самоуправи каде живеат Роми. Тоа е добро искуство. Со владините и средствата на локалните самоуправи се инвестира во руралните подрачја на ромските заедници. Од година во година правиме да се подобрат децениските проблеми во инфраструктурата - вели Мустафа.

Ибраим Ибраими, заменик министер за труд и социјална политика рече дека ќе преземат мерки за намалување на питачењето.

Загрижува фактот дека има пораст на децата на улица, меѓутоа Министерството за труд и социјална политика и МВР ќе преземат акции за елиминирање на таквата појава. Несомнено има групи на луѓе кои ги злоупотребуваат овие деца - додава Ибраими.

На конференцијата беше споменато дека сиромаштијата на оваа етничка заедница сеуште е горлив проблем, а во многу претпријатија онаму каде биле вработени Роми со здравствени проблеми имало злоупотреби.