Од “Наце Буѓони“ најдобри во знаење за ЕУ
Учениците од техничкото училиште “Наце Буѓони“ вчера освоиjа прво место на квизот за познавањата за Европската унија.
На натпреварувањето учествуваа шест екипи од средните училишта во градот, кои посетуваат настава на македонски и албански јазик. Учениците ги проверуваа своите знаења за основањето на ЕУ, нејзините земји членки, начинот на функционирање и слично.
Се подготвувавме доста време. Натпреварот е во групи. Информациите кои ги научивме ќе ни користат, тоа е од општа култура, тоа секој треба да го знае. Не е работата само да се покажеме на овој натпревар, туку и понатаму да го користиме ова знаење - рече Дарко Медарски, ученик во Гимназија “Гоце Делчев“, учесник на квизот.
Со ова натпреварување учениците го одбележуваат утрешниот ден, 9 мај - Ден на Европа.
Материјалот од кој учат е брошурата на Паскал Фонтен, со лекции како и зошто настанала ЕУ, како функционира, кои се нејзините институции и тела. Кои се предизвиците на ЕУ во денешно време и голем број други прашања. Квизот се прави во рамки на часовите по историја и граѓанско право - вели организаторот Светлана Илиевска Алексовска.
Овој квиз се организира пет години по ред во соработка со Инфо точка, од секторот за евроинтеграции при Општина Куманово.