Одат на печалба, а немаат пари да се вратат дома
Градежни работници од Куманово се почесто се измамени во странство од посредници кои им ветуваат легална работа, а потоа ги уценуваат да работат без пари.
Само во последниве неколку месеци стотина работници се пожалиле дека предприемачите ги праќаат на печалба со едни ветувања, а таму условите драстично ги менуваат. Некои од работниците дури морале да се задолжат, или да бараат пари од дома за да се вратат.
Во СВР Куманово, велат дека се запознаени со ваквата појавата, бидејќи само завчера 7 лица од Куманово пријавиле дека се излажани од сопственикот на фирмата „Нахил„,за работа во Дубаи. Регистрирани се измами и во Црна Гора и Шведска, додека за останатите нема конкретни докази, поради што ги повикуваат работници да се обратат кај нив.
Последниот случај на класична злоупотреба се 29 градежни работници од Куманово и Скопје, кои неделава се вратија од Бенгази. Тие во јули минатат година, преку извесен Џемил од Скопје, заминале во Либија за плата од 2000 долари.Кога стигнале во Бенгази, предприемачот ги предал на некој локален бизнисмен и исчезнал, додека новиот газда им ги земал пасошите и ги оставил без работа дваипол месеци.
Бевме препуштени сами да се снаоѓаме. Спиевме на отворено и во една соба по 30 луѓе на душеци на под, а немавме пари ниту документи да се вратиме. Ни даваа храна колку да преживееме, главно јадевме макарони и ориз. Дури во септември ни најде работа, меѓутоа не ни плаќаше редовно. За осум месеци зедовме само 4 плати, а ни остана должен за двата последни месеци. Платите ни ги намли на 1200 долари, а штрајкувавме неколку пати за да ни ги даде. Кога почна да се пука ни ги врати пасошите, но не ни плати затоа што банките не работеле -раскажува Јоцко Крстевски(38),еден од измамените работници, кој таму бил бригадир на групата Македонци.
Тој вели дека во целата несреќа, среќа било што неморале сами да купат карти, туку тоа го сторила државата, инаку не знае до кога ќе останеле заробеници на измамниците во Бенгази, бидејќи никој од нов немал скршен долар во џебот. И покрај тоа што газдата од Либија ветил дека ќе се раздолжат кога ќе се среди состојбата во неговата земја, тој се сомнева, бидејќи немаат никаков договор за работа со него. Затоа апелираат до македонските власти да преземат нешто, да ја запрат ваквата појава, и да ги заштита своите граѓани. Тие случајот ќе го пријават во полиција.
Измамени градежни работници од Македонија има и во Русија, Полска и Чешка. Една група работници сега е на работа во Сочи Русија, а семејствата треба да им прата по 500 евра за карта. Роднините кажуваат дека групата отишла преку кумановски посредник уште во август мината година. Биле договорени за плата од 1500 долари, а добивале неколку стотини со кои плаќале стан и храна. Бидејќи со парите не можеле да ги покријат ни трошоци, а не да заработа,тие немаат пари да се вратат. Посредникот им извадил туристичка виза за еден месец, и веќе 6 месеци престојуваат на црно, поради што можат да имаат проблем и со тамошните власти.
Најголем дел од измамнеите работници дури стотина се само од населбата Пуковско, кои порано работеле во градежните претпријатија „Пелагонија„,„Бетон„, „Гранит„. Тие во „убавите„ времиња работеле во странство и посредниците лесно ги убедуваат, ветувајќи им услови како некогаш. Но наместо договореното, работниците се соочуваат со најсурова експлоатација и понижување од тамошните газди.
Куманово е еден од градовите во државата каде голем дел од населението оди на печалба. Покрај во Авганистан и Ирак каде што добро се заработува, останатите дестинации, преку приватни фирми се многу ризични.