Одбележан Денот на полето за житни култури
Во кумановско Новосељане денеска е одбележан Денот на полето за житни култури.
На оваа манифестација беа презентирани резултатите на земјоделците од повеќе региони. Одгледувачите на житни култури разменија искуства и ја разгледаа најновата механизација .
Министерот за земјоделство, Љупчо Димовски присуствуваше на настанот и потенцираше дека во овој дел од кумановско има приноси до 7 тони пченица на хектар.
Ова е значителен резултат ако се земе во предвид дека просечниот принос во Македонија е 2,5 тони. Во овој регион почвата е од четврта и петта категорија, споредено со житницата Пелагонија каде почвата е од прва или втора класа. Причина за постигнувањето на високите резултати е примена на агротехнички мерки, користење на најмодерни машини и технологија и употреба на серифициран семенски материјал - изјави Димовски.
Тој вели дека министерството, земјоделците, преработувачите во соработка со науката и бизнис заедницата, придонесуваат за развој на полјоделството и производство на храна. Освен 9000 денари по хектар, земјоделците за употреба на семенски материјал годинава ќе добијат плус 3000 денари.
Управителот на "Агростарт", Бубе Трајковски потенцира дека употребата на сертифициран семенски материјал и современа механизација дава високи приноси.
На манифестацијата присуствуваа претставници од Управата за семе и саден материјал, претставници од универзитетот "Гоце Делчев",како и гости од Србија и Грција.