Одбележан Денот на пожарникарите
Во кругот на Противпожарна единица Куманово, денеска пожарникарите го одбележаа Светскиот ден на пожарникарите 20 мај.
Пожарникарите ги поздрави градоначалникот Зоран Дамјановски и претседателот на Советот на Општина Куманово, Максим Димитриевски.
Градоначалникот најави дека во јуни ќе има пет нови вработувања за пет испразнети места, а во текот на летото ќе бидат ангажирани пожарникари хонорарци.
Во наредниот период ќе го надополниме кадровскиот дефицит, бидејќи имаме празни места од болени, пензионирани или починати лица. Она што го правиме секоја година ќе ангажираме 15 хонорарни вработувања во бригадата за летни пожари, бидејќи имаме најголем број шумски пожари. За поголем број вработувања треба да добиеме согласност од државата и поголеми финансиски средства - изјави Дамјановски.
Тој објаснува дека е саниран возниот парк, набавена е ХТЗ опрема, а моментално во Противпожарната единица Куманово работат 24 пожарникари.
Месец мај е месец за заштита од пожари. По тој повод сме собрани овде. Да го одбележиме денот, да ги поздравиме, да им укажеме чест на пожарникарите. Располагаме со 8 противпожарни возила, сите тие се исправни, подготвени за интервенција. Се надеваме што помалку да ги користиме. Работиме на тоа да се подобри екипираноста на Противпожарната единица - вели Дејан Илиевски, командир на Противпожарна единица Куманово.
Часлав Јовановиќ, секретар на Противпожарен сојуз Куманово објасни дека се до 1932 година граѓаните сами ги гаснеле пожарите. Во одреден период уличните хигиеничари со пумпи останати од турско време ги локализирале пожарите, а оттогаш па наваму се работи на постојано модернизирање и усовршување на Противпожарната единица.