Мени

Одгледувањето полжави станува нерентабилно

28.08.2013 09:30 | KumanovoNews

Само доколку се обезбеди извоз одгледувањето полжави може да биде исплатливо, вели Момчило Трајковски од Табановце.

Одгледувањето полжави станува нерентабилно

Пред повеќе од 8 години Трајковски се одлучил да отвори фарма за полжави бидејќи во тоа време овој бизнис делувал примамливо. Тој на 2000 метри квадратни има леи со полжави од сортата “хелиум поматија“ кои претставуваат хибрид од домашен лозов полжав. Објаснува дека во лето потребна е секојдневна грижа за полжавите со исклучок на деновите кога врне.

Тревата треба да се искоси на 10 - 15 цм. Овие полжави се хранат со растителна храна. Кога сонцето ќе зајде навечер околу еден час се пушта вода и тогаш тие излегуваат. Работа со полжавите има од март до октомври. Во зима е мртов период, тие се закопуваат во земја и хибернираат. Кога ќе достигнат максимална тежина за продажба во еден килограм има 60 полжави  - вели Трајковски.

Ако полжавите не се извезат во октомври реколтата пропаѓа, а на домашниот пазар нема побарувачка за полжави.

Само пример ќе ви кажам за Франција, во Ница една пица од шест полжави чини 50 евра. Паштета од полжав чини 6 евра и е многу поскапа од пилешка паштета. Тоа кај нас го нема. Полжавот е најчистото животно што постои на Земјината топка. Онаму каде еднаш поминале веќе не ја јадат тревата и затоа треба постојано да се коси и обновува тревата. Не сум оптимист дека ќе биде подобро. Оваа година не верувам дека ќе добијам субвенции бидејќи процедурата е многу посложена. На младите им препорачувам да се занимаваат со оваа работа само ако имаат загарантиран извоз - додава Трајковски.

Тој објаснува дека првите две години имал добра заработка од полжавите и доколку тој тренд продолжел сега според него Македонија ќе имаше 4000 фарми за полжави.