Одлично помина првата Мото рок журка во Куманово
На Спомен костурницата во Куманово, вчера и завчера вечер се одржа првиот „Мото рок фест- Куманово град на моторите„, кој го организираше мото-клубот Мечки од Куманово.
Синоќа на втората вечер, атмосфетата ја вжешти настапот на две танчерки од Србија, како и бендовите „Ептен“ од Куманово, „Виктимс од чејџинс„ од Скопје и Дани Димитровска.
Со моторџии се дружам од самото детство, возам мотор, свирам рокен-рол музика и сето ова ми е многу блиску. Сум била на сите можни мото собири и сум свирела на истите. Ја познавам кумановската публика и направивме добра журка, испративме позитивна енергија и убава порака до сите- изјави Дани.

На првата вечер, во петокот, настапија групите „Хроматик поинт„ од Скопје, „Оверлоунд„ од Куманово, „Њу дил„ од Бор Србија и „Кросроун блус бенд„ од Прилеп.
Манифестацијата се организираше по повод големата хуманитарна помош што моторџиите од Германија и другите европски земји ја донесоа во Куманово. Градот беше домаќин на околу 1000 моторџии кои дојдоа со над 500 мотори од 40 мото клубови од Германија, Швајцарија, Хрватска, Турција и земјите од регионот.
Овие два дена Куманово живее за моторите и со моторите. Покрај настапот на музичките групи, имавме и изненадување за посетителите, а тоа се егзотични танчерки од Србија. Презадоволни сме од одзивот на посетителите бидејќи секоја вечер имавме од 2 до 3 илјади луѓе, од кои поголемиот дел моторџии. Планираме оваа манифестација да стане традиционална-изјави Ивица Петковски, член на клубот Мечки.

Гостите и посетителите на Спомен костурницата ги поздрави градоначалникот Зоран Дамјановски, кој им посаката убава забава и пријатен престој во градот.
Моторџиите во текот на вчерашниот ден направија дефиле низ кумановските улици што предизвика воодушевување кај кумановци. На Спомен костурницата моторџискиот хепенинг беше надоплнет со многу пиво, скара и дружење.