Општината ќе формира стручно тело за мобинг
Општина Куманово наскоро ќе формира стручно тело за мобинг кое ќе ги информира граѓаните за нивните права и ќе им помогне да се справат со мобингот.
Ова денеска беше кажано на работилницата посветена на мобингот, организирана од Македонско женско лоби и Комисијата за еднакви можности при Општина Куманово. Претставниците од локалната самоуправа рекоа дека веќе се определени 11 вработени кои би биле медијатори во случај на мобинг.
Учесниците на работилницата констатираа дека жртвите на мобинг немаат храброст да пријават бидејќи се плашат дека ќе бидат избркани од работа.
Жртвите можат да пријават во синдикат, во организации за заштита на човекови права, Народен правобранител. Ако ние сметаме дека институцијата нема да си ја врши работата мораме да ја активираме. Секоја институција може да затвори очи пред една поплака, но не може пред 50, 1000 поплаки - рече Сузана Салиу од Македонското женско лоби.
Целта е населението да се запознае што е тоа мобинг и каде треба да побараат помош.
Дискутираме за мобинг во сите сектори. Во локалната самоуправа, јавните претпријатија, училишта, приватни фирми. Граѓаните треба да знаат каде да побараат помош ако се злоставувани на работа. Првпат ја отвараме оваа тема, ова е прва работилница, а за понатаму ќе имаме повеќе трибини - вели Драгица Велковска, претседател на Комисија за еднакви можности.
На работилницата присуствуваа вработени од Општина Куманово, советници, претставници на невладини организации и други.