Осмооделенка доби меѓународна ликовна награда
Ана Крстевска од ОУ “Браќа Миладиновци“ освои прво место на меѓународниот ликовен конкурс во Лидице, Република Чешка, во конкуренција од 25.000 цртежи од целиот свет.
По тој повод денеска во училиштето престојуваше чешкиот амбасадор Мирослав Рамеш, кој и ја врачи наградата.
Лидице е многу познат меѓународен натпревар кој годинава се одржа по 41- ви пат. На конкурсот имаше учесници од 68 земји и Ана освои награда. Лидице е мало место каде што фашистите убиле 88 деца и сега секоја година во нивна чест се оддржува изложба. Не само во нивна чест, туку и во нивни спомен. Сакам да им честитам на наставниците и на директорката за нивната работа и трпение, бидејќи навистина го ценам нивниот труд - изјави Рамеш.
Ана Крстевска цртала селски пазар со народни носии. Цртежот го осмислила и изработила со помош на професорката по ликовно, Маргарита Аврамовска.
Наградата ја добив неочекувано. Првпат конкурирав и пресреќна сум. Ова ми е прва меѓународна награда, но имам и други училишни награди. Цртежот го работев со темперни бои. Имав инспирација и конкурсот беше на тема, селски пазар - рече Ана.
Директорката Марина Манојловска вели дека многу вложуваат во работата со талентираните ученици.
Оваа година имаме посета на четири амбасадори: чешкиот, францускиот, италијанскиот и амбасадорот на САД. ОУ “Браќа Миладиновци“ ги подигна стандардите во воспитно - образовниот процес. Тоа ќе продолжи и понатаму затоа што мислиме дека инвестицијата на секое општество е образование - вели Манојловска.
Во ОУ “Браќа Миладиновци“ на средбата со амбасадорот имаше и претставници од локалната самоуправа. Секретарот на Општина Куманово, Валентина Алексовска му се заблагодари на амбасадорот во свое и во име на градоначалникот, затоа што по вторпат доаѓа во посета на градот.
Наградата претставува едно големо достигнување на училиштето и на малата Ана Крстевска. Општина Куманово и понатаму ќе ги поддржува успешните ученици и со ова се потврдува дека навистина Општина Куманово е една ризница на таленти кои ја афирмираат Република Македонија - изјави Алексовска.
Оваа година на конкурсот во Лидице, македонски ученици добија 10 награди и 2 медали. Лани двајца ученици од ОУ “Браќа Миладиновци“ беа наградени на истиот натпревар.