Мени

Отишол да бара пари, го претепале со безбол палка

19.12.2012 15:22 | KumanovoNews

 Мартин П.(26) од Бабин Дол го претепале татко и тројца синови од истата населба затоа што им ги барал парите што му ги должеле. Повредениот со сериозни скршеници по телото и главата е пренесен во Ургентниот центер во Скопје.

Отишол да бара пари, го претепале со безбол палка

Тепачката се случила вчера во 17.30 часот, кога Мартин дошол пред куќата на Миомир В.(46) и со безбол палка го скршил стаклото на влезната врата, а потоа започнал расправија со газдата и неговите синови А.В, В.В. и Д.В., барајќи да му ги вратат парите што му ги должеле. Таткото се спротивставил на неговото барање, при што Мартин го удрил во пределот на рацете. Синовите скокнале да го бранат, му ја одзеле палката на напаѓачот и со неа му ја скршиле раката и главата. Откако го суредиле гостинот, повикале полиција за да го пријават дека ги нападнал. Кога екипата отишла на лице место и виделе што се случило, повредениот го префрлиле во кумановската болница, а таткото и браќата ги привеле во полиција. Во текот на денот сите се изведени пред истражен судија.

Неофицијално дознаваме дека причина за тепачката биле должнички односи по исплата на штета од осигурување за сообраќајка.

За само десетина дена ова е петто насилство на граѓаните на Куманово.

Во кумановската полиција  потврдија дека насилствотото е во пораст, од почеток на месецот се случија неколку тепачки и грабнување, а беше опљачкан и дилер на девизи.