Мени

Отворен сајт за бесплатна правна помош

30.01.2013 09:54 | KumanovoNews

 Нова интернет страница www.pristapdopravda.mk, е отворена со цел да им помогне на сиромашните граѓани и да ги упати каде и како да побараат правна помош.

Отворен сајт за бесплатна правна помош

Сајтот содржи упатства за начинот на остварување на правото на бесплатната правна помош, основни информации за најчестите правни прашања со кои се соочуваат граѓаните и опис на трошоците за водење на постапки во македонскиот правен систем. Веб порталот содржи и упатства за можностите кои им стојат на располагање на граѓаните во случаите кога поради слаба материјалнаta положба не се во можност да водат постапки за остварување и заштита на нивните права (бесплатна правна помош, ослободување од плаќање на судски такси, ослободување од плаќање на трошоците на постапката и сл.) - вели Оливер Митов од Национален ромски центар.

Pristapdopravda.mk овозможува интерактивност преку опцијата за директно поставување прашања на кои ќе одговара тим од стручни и искусни правници. Веб порталот е наменет за сите граѓани кои имаат потреба од информациите кои ги содржи со посебен фокус на граѓаните со потешка материјална положба и припадниците на ранливите категории граѓани.

 Сајтот е резултат на заедничка работа на Македонското здружение на млади правници, Националниот ромски центар – Куманово, Рома С.О.С Прилеп, Младинскиот културен центар – Битола и здруженијата ЕХО од Штип и Избор од Струмица чие барање за стекнување со овластување беше одбиено. Pristapdopravda.mk е дел од проектот „Следење на примената на Законот за бесплатна правна помош“ спроведуван со поддршка од Фондацијата Отворено опшество Македонија ФООМ кој има за цел да придонесе во зголемување на ефикасноста на националниот систем на бесплатна правна помош.