Отворена канцеларија за вработување во Старо Нагоричане
Центар за вработување Куманово денеска отвори дисперзирана канцеларија во просториите на општина Старо Нагоричане.
Канцеларија ќе опслужува 600 активни баратели на работа од општината, кои ќе можат да се пријавуваат, да се информираат за сите активни мерки за вработување. Еден службеник од агенцијата ќе работи секој работен ден од 8.30 до 16.30 часот. Со ова мештаните ќе заштедат време и пари и нема да патуваат до Центарот за вработување во Куманово.
- Ние ќе се обидеме секаде каде што има долг пат меѓу граѓаните на таа општина до матичниот центар за вработување да им отвориме локална дисперзирана канцеларија. Ова не е само план. Во иднина ќе овозможиме неколку наши персонални компјутери да бидат за слободна употреба на секој граѓанин со тоа што ќе бидат ставени сајтови за преквалификации, доквалификации, прв.мк, огласи за работни места, практикантска работа - вели Влатко Поповски, директор на Државна агенција за вработување.
Од општина Старо Нагоричане се надеваат дека дисперзираната канцеларија ќе биде од голема корист за жителите, посебно за младите невработени.
- Ние како рурална општина имаме 4860 жители, од кои 1000 се млади и големиот број од нив се невработени. Има и други кои не се млади, а се без работа така што со оваа канцеларија ќе можеме заедно да им пружиме услуги и да можеме на некој начин да помогнеме при вработување - кажа Милован Стојковски, градоначалник на општина Старо Нагоричане.
Канцеларијата отворена во Старо Нагоричане е 16 - та по ред, а до крајот на годинава ќе бидат отворени уште 5 дисперзирани канцеларии на Агенцијата за вработување.