„Отворено со катастарот“ утре и задутре во Куманово
Акцијата „Отворено со Катастарот“, наредните два дена ќе се одржи во Куманово.
Граѓаните ќе имаат можност да се сретнат со стручните тимови на Агенцијата за катастарар и недвижности и да ги изнесат нивните проблеми од областа на катастарот.
Ги повикувам сите граѓани кои имаат било каков проблем со катастарот да дојдат од 9 до 18 часот, нашите стручни екипи ќе бидат тука со цел да им помогнат. Исто така, доколку имаат проблем со друга институција нашите тимови ќе ги пренасочат, ќе им кажат, ќе им посочат, затоа што тоа се искусни правници, геодетски инженери-изјави Дејан Јовановски, раководител на Одделение за катастар Куманово.
“Отворено со катастарот“ се организира седма година по ред. Во изминатите години имало интерес кај граѓаните.
Се јавуваат граѓани со различни проблеми. Ние пробуваме да им објасниме, онаму кај што може да се помогне да помaгaме. Граѓаните си одат задоволни и оваа акција неколку години дава успех каде што им се помага на одреден дел на граѓани да го запишат имотот во катастар. - вели Јовановски.
Во тек е проект за дигитализација со кој аналогните катастарски планови ќе станат дигитални и издавањето на податоци ќе оди многу побрзо. Во изминатиот период е овозможено граѓаните да вадат имотни листови без да доаѓаат во катастар. Тоа се прави преку апликација која ја имаат нотари, приватни фирми, а истата може да ја земе и Општината и со електронски потпис. Со тоа граѓаните добиваат валиден документ, а од друга страна се намалуваат турканиците во катастарот.