ОУ “Браќа Рибар“ доби спортско игралиште
Учениците од основното училиште “Браќа Рибар“ во село Табановце добија спортско игралиште.
Градоначалникот Зоран Дамјановски на денешното свечено пуштање нагласи дека сите ученици треба да имаат еднакви можности независно од средината во која живејат.
- Оваа потреба произлезе од месната заедница, од населението, пред се од учениците на ова училиште. Објектот е опремен со сите спортски реквизити, кошеви, стативи за мал фудбал и за мали спортови. Изградбата чини 1.1 милион денари, плус за опремата. На овој начин ги задоволивме потребите на граѓаните за рекреативен, пред се за училишен спорт и часови по физичко образование. Се надеваме дека како што правиме во населбите и овде ќе никне спортска сала. Гледате дека Куманово спортски се развива, тоа е една гордост на Куманово - рече Дамјановски.
Директорката на училиштето, Розита Благојевиќ објасни дека досега часовите по физичко децата ги оддржувале во зградата на училиштето.
- Откако е направено игралиштето децата се надвор, постојано играат. Во попладневните часови го користат младите од селото. Ова многу значи за нас, бидејќи училиштето од 1964 година, од своето постоење немало спортско игралиште. Вкупно имаме 297 ученика, и ме радува фактот што имаме и поголем број на првачиња во однос на минатите години - изјави Благојевиќ.