Мени

Ова е жал. Станица во Бељаковце!

19.08.2011 11:23 | KumanovoNews

На сликава се остатоците од некогашната железничка станица на некогашната железничка пруга Куманово-Бељаковце. Оддамна ја нема веќе железничката пруга со се шините и праговите, ги нема речиси веќе ни селата со се луѓето на кои пругата им беше единствената врска со светот.

Ова е жал. Станица во Бељаковце!

По таа пруга од Бељаковце и уште десеттина села на Криворечијата заминаа ширум светот реки луѓе, неколку генерации се одвезоа со истата и потоа одлетаа кон Гераманија, Америка, Австралија, Канада. Денес се би дале уште еднаш да седнат во стариот добар „бељаковски“ воз (без возен ред) што двапати дневно ракатракаше по крцкавите шини на пругата. Беше изградена во повоените, најсиромашни, гладни педесетти години на минатиот век. Делегација на тогашната Влада на РМ на чело со Перо Менков допатува во Бељаковце качена на локомотива закитена со знамиња и цвеќе. Имаше илјаден народ во нови свечени алишта, свиреше маршева музика, се славеше голема работна победа. Беа тоа години во кои народот живееше од работа и од надежи. Денес живееме години на рушење на тоа што сме го граделе. Ако не не бива за градење, барем не бива за уривање. Гледате ли како душмански сме ја „оскубале“ зградава на некогашната бељаковска железничка станица? Туку, нека му ја мисли Македонијава наша, зашто сеуште има за кубење и за уривање...