Мени

Пари од Авганистан има, интерес за бизнис слабо

14.05.2013 13:47 | KumanovoNews

 Учесниците на денешната дебата “Кумановстан - град помеѓу Ирак и Авганистан“, се согласија дека кумановци заработуваат големи пари во Авганистан, но немаат доверба во институциите на системот да ги вложуваат во сопствен бизнис.

Пари од Авганистан има, интерес за бизнис слабо

За нив посигурно е парите да ги чуваат во банка и да купуваат недвижнини, отколку да ризикуваат во несигурниот пазар.

Градоначалникот Зоран Дамјановски смета дека кумановци донеле повеќе пари од печалба во својот град, отколку што Владата успејала да обезбеди странски инвестиции во државата. Според него трансферите од странство помагаат градот да живее, но т.н. Авганистанци немаат интерес да отвараат стопански капацитети, кои ќе придонесат за поголем економски развој на градот.

 Тие не се осмелуваат да ги вложуваат парите од разбирливи причини, нема клима, ниту сигурност. До крајот на месецот ќе се распише лицитација за 60 парцели во зоната во Речица за едно евро по квадрат, нула евра за комуналии. Подобри услови за инвестирање здравје. Ни треба индустриско производство, не само станови и ресторани. Јас осум години сум градоначалник, не видов иницијатива за отварање на поголеми капацитети  - вели Дамјановски.

Тој потсети дека доколку има интерес, гастарбајтерите можат да се вклучат и во јавно-приватно партнерство во гасификацијата, изградбата на горилница или во спа центар и ресторани во Затворениот базен.

Декан на Еуро Колеџ Љубиша Петрушевски, објаснува дека големите пари кои се заработени во Авганистан главно се вложуваат во  недвижнини, поради што се бележи градежна експанзија во градот.

Тие луѓе го достигнале својот максимум. Нивниот успех треба да биде форсиран. Тие прво гледаат за себе, а после за Куманово. Тие се како воени ветерани - изјави Петрушевски.

Доцент Синиша Наумоски од Еуро Колеџ смета дека кумановци треба да го променат начинот на размислување и да не чуваат “мртов капитал“. Според него и општината и државата треба да создадат подобра бизнис клима.

Секој човек кој има пари, независно од етничка и политичка припадност, треба да биде на пиедесталот и треба да му се даде шанса да работи. Мора да се смени психологијата на размислување. Еве Ирак и Авганистан ќе завршат, а што потоа - праша Наумовски.

Кристијан Ристески од Центарот за економски анализи тврди дека за разлика од Куманово, повратниците од странство во Тетово, многу повеќе вложуваат во сопствен бизнис и имаат резултати, додека во Куманово 60 отсто од отворените бизниси се покажале како неуспешни.

Претседавачот на Советот Максим Димитриевски пред присутните го пренесе своето искуство од работењето во Ирак, за кое тврди дека не е лесно и без последици.

Овие наши сограѓини се чесни, храбри и достоинствени луѓе со цел.  И тоа не се лесни пари како што некои сметаат, туку тешко се заработуваат. Мене, по една година работење на проектот, ми требаше од 3 до 6 месеци адаптација за да можам да функционирам дома. Не затоа што таму сме наводно изложени на радијација,  туку затоа што сме работеле во еден комплетно различен систем и свет од нашиот тука. Кога ќе се вратите дома се ве нервира поради лошата организација во општеството. Генерално проблемот на адаптација на тие луѓе е голем, и тешкотијата на работата си го зема својот данок, но тоа се сфаќа отпосле.- изјави Димитриевски.

 Според некои пресметки секој кумановец вработен во Аваганистан годишно во просек заработува по 35 илјади евра, што значи дека сите овие години во Македонија се трансферирани над милјарда евра по овој основ.

Се очекува американските бази во Ирак и Авганистан наскоро да се затворат и затоа учесниците на денешната дебата апелираа парите да не се чуваат под перница, во странски или домашни банки, туку печалбарите да отворат фирми, да создадат нови работни места и подобар економски раст.